– Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика на денешната седница одлучи Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, да го проследи на натамошна постапка во Собранието.
Претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и еден од предлагачите на законското решение, посочи дека измените се многу суштински, но се прилично едноставни поради што законот е поднесен по скратена постапка.
-Со измените бараме две работи да се инкорпорираат во постојното законско решение. Првата е да се продолжи лиценцата на правното лице во наредните шест месеци. Тоа треба да се направи за да се скокнат сите процедури со кои се бара во сегашното законско решение да се оформи ново правно лице што всушност е истото правно лице. Тоа се прави за да не се губи време за други пропратни елементи за новоформираното правно лице. Втората работа е да се утврди износот на маржата која наместо 11,5 ќе биде 9,9 проценти. Тоа е особено важно бидејќи четирите контрибутори кои ја дефинираат цената на електричната енергија се множат со овој коефициент, рече Стојаноски.
На овој начин, додаде, цената на електричната енергија за домаќинствата и на малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар ќе остане иста без да се мешаме во работата на независните регулаторни тела. Воедно би можело да се избегнат на некој начин и преостанатите 15 проценти од потребите на регулираниот пазар за кои универзалниот снабдувач даде изјава дека ќе ги набавува на слободниот пазар и комплетниот конзум да се испорача од нашата држава што поволно ќе влијае на наредниот регулациски рок по 1 јануари, кога Регулаторната комисија за енергетика ја утврдува цената на електричната енергија.
Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ рече дека предложеното законско решение претставува потврда и продолжување на добрите политики што ги водеше претходната влада во делот на обезбедување на електрична енергија по цени со кои не се дозволи ценовен шок за граѓаните во време на енергетската и економската криза.
-На овој начин се прави потврда дека со правилни политики во енергетскиот сектор маржата која беше 11,5 се намалува на 9,9 проценти што значи дека граѓаните ќе можат да добијат електрична енергија која нема да претставува оптоварување на нивниот буџет повеќе од она што значи инфлаторни текови во делот на енергетскиот сектор, рече Ковачевски и додаде дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата За европска иднина ќе ги поддржи измените на законот.
Иста одлука донесе и Законодавно-правната комисија.
Со дополнувањата на Законот во членот 1 се врши дополнување на членот 101 односно се додава став (10) кој има за цел утврдување на исклучок од ставот (9), односно доколку назначениот универзален снабдувач ја обезбедувал универзалната услуга до завршување на утврдената тендерска постапка да не е должен да основа ново друштво за обезбедување на услугата. Со ваквата одредба освен сигурно и безбедно се обезбедува и континуитет во снабдувањето со електрична енергија. Со членот 2 се врши дополнување во членот 237 преку додавање на став (14) кој е усогласување со членот 1 од овој закон односно има иста цел обезбедување на сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија.
Со предложеното решение ќе се обезбеди сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.
Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, вечерва ќе биде разгледан и на продолжение на осмата седница на Собранието.