Предлог-измените на законите за изградба на коридорите 8 и 10д со европско знаменце стигнаа во Собранието

Петте предлог-закони со европско знаменце предложени од Владата кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д стигнаа во Собранието. Како што е објавено на веб-страницата на законодавниот дом, овие пет предлог-закони се ставени на 115. пленарна седница закажана за во среда во 11 часот.

Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.

Како што може да се види од собраниската веб-страница, во образложенијата на сите предложени измени на законите, делот пет, односно точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен.

Ако во среда на пленарна седница го поминат првиот филтер за потребата од скратена постапка, најверојатно експресно ќе се најдат и на собраниската Комисија за европски прашања.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми на денешната прес-конференција истакна дека ќе се држи по деловничките правила и се надева дека опозицијата нема да ја опструира процедурата. 

Јас сум еден од претседателите на работните тела кој секогаш сум свикал седница за било која точка кога Пленумот ме поврзат да свикам таква седница. Ако на пленарна седница мнозинството на пратениците ќе одлучат да бидат разгледани овие предлог-закони, секако дека веднаш би свикал седница на Комисијата“, кажа Адеми.

Според пратеникот на СДСМ, Миле Талески, со предлог-законите кои влегуваат во парламентарна процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.

Со предог законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проекти, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично. Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10д“, изјави Талевски.

Македонијаполитика