Се навршија седум години од „крвавиот четврток“ кога заради обид за спречување на промената на власта, стотоци граѓани организирано упаднаа во Собранието и брутално нападнаа пратеници од тогаш новоформираното парламентарно мнозинство.
Повеќе од три часа пратеници од СДСМ и коалицијата беа напаѓани, удирани со разни предмети, додека се чекаше интервенцијата на специјалните полициски сили.
Десеттината пратеници од СДСМ кои беа во прес-центарот во Собранието, се бранеа со часови од налетите на гневната толпа, меѓу нив, во одбраната, со физички контакти со напаѓачите беше пратеникот од Куманово, Максим Димитриевски.
Димитриевски неколку месеци по 27 април станува градоначалник во Куманово, а вториот мандат како татко на општината го добива без поддршка од СДСМ.
Денес, Димитриевски ја предводи партијата ЗНАМ од каде како кандидат за претседател доби над 80.000 гласови, што неговата партија ја прави трета политичка сила кај македонскиот гласачки блок.
Пред вториот круг на претседателските избори и пред парламентарните избори, се погласно се зборува дека ако ВМРО-ДПМНЕ (партија која убедливо победи во првиот круг на претседателските избори) освои најмногу пратеници, дека следната Влада би ја формирала со албанската опозициска коалиција ВРЕДИ и со ЗНАМ на Максим Димитриевски.
Очекувањата за ова претходно ги подгреа и повикот на Христијан Мицкоски за мораториум на нападите од неговата партија кон ЗНАМ (и кон Левица)
Од она што се очекувањата по изборите, лидерот на ЗНАМ, Димитриевски кажа дека тие по изборите единствено не би влегле во коалиција со партијата ДУИ.
Со тоа индиректно и самиот Димитриевски потврдува дека е можна коалиција помеѓу неговата партија ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
А токму членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ беа јуришниците на 27 април кои ја раксрвавеа главата на Димитриевски и се обидоа да посегнат по неговиот живот.
Денес, седум години подоцна, Димитриевски е подготвен да седне во удобните владини фотелји заедно со оние кои пред седум години се обидоа да го ликвидираат.