Преку редовни контроли ќе се проверува квалитетот на водата и рибниот фонд во Калиманско Езеро

Општина Македонска Каменица и Риболовното друштво „Шаран” ќе започнат со редовна контрола на квалитетот на водата и рибниот фонд во Калиманско Езеро. Ова го најави градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски кој истакна дека активностите се заедичка иницијатива со каменичките риболовци.

-Целта на овој мониторинг и анализа кој ќе се реализира со ангажман на експерти е првенствено со цел за заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на условите за развој на туризам, односно претворање на езерото во значајна туристичка атракција, рече Атанасовски.

Како дел од иницијативата како што додаде, неодамна е извршено порибување на езерото Калиманци со 300 килограми полово зрели единки на крап.

-Средствата за порибувањето се обезбедени од Општина Македонска Каменица и ова е четврто порибување оваа сезона. Во водите на Калиманци се пуштени над 2.000 килограми полово зрели единки на крап и 300 килограми порибителен материјал, додаде Атанасовски.

Порибувањето како што додадоа од ЗРСК „Шаран” ќе допринесе за зголемување на рибниот фонд во езерото и истото ќе ја зголеми атрактивноста на езерото за рекреативен риболов.