Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на работната посета во Соединетите Американски Држави, денеска во Њујорк ќе има обраќање на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.
За време на престојот во Њујорк, како дел од програмата за одбележувањето на 30-годишнината од членството на Северна Македонија во ОН, премиерот Ковачевски ќе има средби со високи претставници на УНИЦЕФ и УНДП. Предвидено е да се обрати на приемот во ОН организиран по повод три децении од приемот на Северна Македонија во Светската организација. Како дел од програмата за одбележување на 30 годишнината, Ковачевски во седиштето на ОН ќе учествува и на панел дискусијата посветена на превентивна дипломатија, медијација и политика на пријателство.
Премиерот Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати и на настанот организиран по повод одбележување на Денот на македонскиот јазик.
Во Вашингтон, пак, Ковачевски ќе има средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, заменик-советникот за национална безбедност Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, со повеќе сенатори и конгресмени, како и со членовите на бордот на Атлантскиот совет.
Како дел од работната посета на Вашингтон, премиерот Ковачевски ќе го посети престижниот универзитет „Џон Хопкинс” во Вашингтон каде по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, ќе се обрати и ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за Северна Македонија и земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат, имајќи ја предвид потребата за брз развој на регионот.
Согласно агендата планирана е и средба со претставници на македонската дијаспора во САД. Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски се и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.