Премиерот Димитар Ковачевски работната агенда во Њујорк ја продолжува со низа средби и настани по повод 30 години членство на Северна Македонија во Обединетите Нации.
Тој денеска треба да се сретне со амбасадорот на постојаната мисија на Европската Унија Олоф Скуг, со заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Омар Абди, како и со регионалната директорка на УНДП за Европа и Централна Азија, Ивана Живковиќ, соопшти владината прес-служба.
Во попладневните часови, по американско време, премиерот Ковачевски ќе се обрати на приемот по повод 30 годишнината од членството на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации во Њујорк.
Предвидено е да ја посети и една од најстарите синагоги, основана од бегалци од Јанина и Солун. Во 1912 година, битолски Евреи се населуваат во овој дел од Менхетн и ја прифаќаат оваа синагога како нивна најблиска и тука ја чуваат тората која ја донеле со себе од Битола во 1912 година.