„Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа. Добро е што ставот утрово искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната негова средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ковачевски вели дека ваквите одлуки се одлуки на сите политички партии, на целото општество, бидејќи, како што кажа, ова не е процес на еден човек и една политичка партија, на една Влада, туку процес во кој треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина.
„Се прави јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана, што сметам дека е добро дијалогот што се води да продолжи и на крајот да изградиме заеднички став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ. Моја цел и заложба на Владата е овој процес на евроинтеграции да биде успешен, затоа што предвид ги имаме стратешките цели на државата. Ова е веќе стратешка цел и на нашите земји партнери како во ЕУ и НАТО, така и на САД. Сите недвосмислено кажаа дека сега е моментот за проширување на ЕУ и за влез на државите од Западен Балкан, пред се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора“, изјави Ковачевски.
Според него уставните измени, односно вклучување на други делови на народи во Преамбулата на Уставот се чекор напред на овој европски пат.