Премиерот Ковачевски на неформалната вечера во Атина организирана од Мицотакис за лидерите од регионот

 Лидерите од земјите од Западен Балкан и од земјите- членки на ЕУ од регионот, меѓу кои и претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, вечерва во Атина ќе учествуваат на неформалната вечера што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. 

Неформалната вечера што ќе се одржи во Премиерската палта е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат на вечерата.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, на вечерата ќе присуствуваат премиерите на Северна Македонија и на Косово, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија, додека пак Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.

Во Грција, неофицијално се споменува дека можно е да присуствува и претседателот на Украина Володимир Зеленски, информација за која, веројатно од безбедносни причини, нема официјална потврда.

Во пресрет на неформалната вечера закажана за 20:15 часот по локално време, планирано учесниците да одржат билатерални средби.

Премиерот Ковачевски ќе се сретне со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, средба што ја најави и во синоќешното интервју за Сител, велејќи дека претседателката на ЕК од прва рака ќе може да се информира од него за текот на уставните измени, иако, како што истакна, „таа веќе ги има сите информации, и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето“, како и за целиот процес. 

Денешната иницијативата на Мицотакис, како што бирифраат грчки владини извори, ја означува водечката улога на Грција како столб на стабилноста, мирот и енергетската безбедност на Балканот и Југоисточна Европа.

Неформалната вечера за европската иднина на регионот има и симболичен карактер со оглед на тоа што на 21 јуни се навршија 20 години од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ- Западен Балкан што се одржа за време на грчкото претседателство со Унијата и која го отвори патот за европска интеграција на неколку земји од регион.

За Атина, 20-годишнината од Самитот во Солун и поканата на грчкиот премиер до лидерите од регионот е можност да се истакне дека Грција е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот и посакува европска интеграција на регионот, за која постојат и пред услови.

Во оваа насока се и досегашните изјави на грчкиот премиер, кој континуирано ја истакнува цврстата поддршка на Грција за ЕУ перспектива на регионот,  за која доста често официјална Атина потенцира дека станува уште поважна по руската инвазија на Украина.