Премиерот Ковачевски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој главни теми ќе бидат зајакнувањето на политичкиот ангажман на Унијата со земјите од регионот, доближувањето на овие држави до ЕУ со нивна на постепената интеграција и поставувањето основи за економски раст, ублажувањето на последиците од руската агресија врз Украина и зацврстувањето на безбедноста и отпорноста. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, оваа прва средба на лидерите на ЕУ и Западниот Балкан по минатогодишниот Самит во Тирана, се оценува како можност за потврда на перспективата за членство на државите од регионот во Унијата, како и за афирмација на потребата од спроведување на одржливи и иреверзибилни реформи согласно вредностите и принципите на блокот. 

Во најавата за Самитот се посочува дека ЕУ има за цел да ги приближи кон себе земјите од Западниот Балкан, подготвувајќи терен за нивно полноправно членство и овозможувајќи конкретни придобивки за нивните граѓани уште во текот на процесот на пристапните преговори. 

– За таа цел, ЕУ има намера да разгледа дополнителни мерки насочени кон понатамошно унапредување на постепената интеграција, нагласувајќи ја важноста од целосно искористување на потенцијалот на постоечките правни инструменти, посочува Европскиот совет. 

Според Советот, покрај веќе обезбедената помош, ЕУ е решена дополнително да го интензивира својот политички ангажман во регионот на Западниот Балкан, со цел да се ублажат последиците на руската агресија врз Украина.  

– ЕУ ќе продолжи со својата поддршка за партнерите од Западниот Балкан во справувањето со негативните ефекти врз нивните економии и општества, се додава во најавата. 

Самитот ЕУ-Западен Балкан, исто така, ќе биде можност да се разговара и за координирани акции поврзани со безбедносни прашања во контекст на руската агресија врз Украина, кои вклучуваат справување со манипулациите од странски извори и зајакнување на колективната кибер безбедност. 

На средбата покрај лидерите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западниот Балкан, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и претставници на Европската комисија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Советот за регионална соработка. 

Се очекува на крајот на Самитот да биде усвоена заедничка декларација, во која, според најавите, ќе биде потенцирана нова енергија во односите на ЕУ со Западниот Балкан и новиот приод во пристапниот процес. 

Според извори во Европскиот совет, во декларацијата ЕУ ќе ги повика земјите од регионот што не го сториле тоа, да се усогласат со нејзината надворешна и безбедносна политика, пред се во однос на санкциите воведени од страна на Унијата и воедно ќе се реафирмира перспективата за нивно членство во Унијата, имајќи предвид дека на процесот на проширувањето се гледа како на геостратешка инвестиција во мирот, просперитетот и стабилноста на целиот европски континент. 

Од земјите од регионот, исто така, ќе биде побарано почитување на принципите и вредностите на Унијата, како и спроведување на неопходните реформски процеси, бидејќи ако ЕУ мора да се реформира за да прифати нови членки, тогаш и кандидатите за членство мора да извршат реформи за да бидат подготвени за членство. 

Изворите од Советот на ЕУ посочуваат дека во документот ќе се потенцира и неопходноста од регионалната соработка и добрососедските односи, особено во светло на предизвиците поврзани со односите меѓу Белград и Приштина, со порака дека од земјите од регионот се очекува да ги решат меѓусебните билатерални спорови.  

Унијата ќе ја потврди и својата посветеност на идејата за зајакната интеграција на земјите од регионот уште пред полноправното членство, со цел тие и нивните граѓани да ги почувствуваат придобивките од зачленувањето уште во текот на пристапниот процес, со напомена дека ваквиот пристап ќе биде условен со спроведување на реформите. 

Во рамки на ваквиот нов пристап кон земјите од регионот од Советот на ЕУ најавуваат конкурс за стипендии за заинтересираните студенти од Западниот Балкан за наобразба на новоотворениот Европски колеџ во Тирана, а дополнително го нагласуваат и фактот дека од следната година граѓаните на сите држави во регионот ќе може да патуваат во Унијата без визи.  

Во делот на безбедносната политика ќе биде реафирмирана посветеноста на зајакнување на отпорноста и борбата против дезинформациите, манипулациите и странското мешање, како и справување со кибер заканите, но и поддршка во насока за обезбедување на објективност на медиумите и зголемување на медиумската писменост.  

Во безбедносниот сегмент, ќе бидат наведни и прашањата поврзани со борбата против тероризмот и организираниот криминал, како и справувањето со миграцијата и соработката со Фронтекс во спречувањето на илегалните миграциски текови, од причина што балканската мигрантска рута и натаму останува активна. 

Завршната декларација ќе ја нагласи и посветеноста на ЕУ во реализација на инфраструктурни проекти за поврзување на земјите од Западниот Балкан, потоа за надминување на бариерите меѓу пазарите во регионот и нивна постепена интеграција во единствениот европски пазар, како и за финансирање на проекти поврзани со енергетската и зелената транзиција и со дигитализацијата. 

Според изворите од Советот на ЕУ, ваквата поддршка преку програмите за обнова и поддршка на Унијата и поврзувањето меѓу земјите од регионот и Унијата ќе треба да придонесе за забрзан економски раст на Западниот Балкан.  

Во тој, контекст ќе биде посочен и новиот План за Европската комисија за раст на Западниот Балкан, како модел кој ќе им овозможи на земјите од регионот уште пред членството да имаат некои придобивки од заедничкиот европски пазар, пред се во областа на транспортот, трговијата, земјоделството и заштитата на животната средина.  

Одржувањето на средби во овој формат е во рамки на Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2019-2024 година. Првиот Самит ЕУ-Западен Балкан се одржа во Познањ во јули 2019 година, по што следуваа средите на врвот во Загреб во мај 2020, во Брдо кај Крањ во октомври 2021 и во Тирана во декември минатата година. Средбата во Тирана беше првиот Самит ЕУ-Западен Балкан одржан во земја од регионот.