Премиерот на Грција, Киријакос Митотакис во неделата побара прошка од семејствата на 57-те жртви од трагичниот судар на два воза, најсмртоносната железничка несреќа во историјата на нашиот јужен сосед.
„Како премиер, им должам на сите, особено на семејствата на жртвите, да побарам прошка“, напиша Микотакис на социјалната мрежа Фејсбук во пораката до нацијата.
„Во Грција во 2023 година не може два воза кои одат во различни насоки да одат по иста пруга и тоа да остане не забележано. Не можеме, не сакаме и не смееме да се криеме зад човечката грешка“, напиша грчкиот премиер, упатувајќи повик до судството брзо да ја истражи трагедијата и да се утврди одговорноста.
Протестите по трагичната железничка несреќа продолжуваат со денови. Судири со полицијата избија и во неделата кога илјадници луѓе се приклучија на протестите во Атина.
Според проценките на полицијата, на протестите во неделата се собрале 12.000 луѓе. Некои од нив запалија гуми и фрлаа огнени бомби кон полицијата, која одговори со солзавец и шок-бомби и за неколку минути го расчисти централниот плоштад Синтагма.
Демонстрантите пуштија и стотици црни балони во спомен на загинатите, а некои од нив имаа и транспаренти со пораки до владата: „Ајде да ја урнеме убиствената влада“.
Најсмртоносната железничка несреќа кај нашиот јужен сосед се случи вечерта на 28. февруари кога патнички воз се судри со товарен воз кој доаѓал од спротивна насока на истата пруга со, се претпоставува, брзина до 160 километри на час.
Првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините, а исто така првите два се запалиле и биле целосно уништени.
Првиот човек на железничката станица во Лариса е обвинет за убиство од небрежност и треба да се појави на суд. Неговиот адвокат Стефанос Панцарцидис кажа дека признал дека е делумно одговорен за несреќата.
Јанис Дикас, раководител на синдикатот на грчките железничари, за телевизијата Скаи изјави дека автоматската сигнализација на местото на несреќата не функционирала.
Истрагата ја припиша причината за несреќата како човечка грешка.
Министерот за транспорт Костас Караманлис поднесе оставка по несреќата во знак на почит кон жртвите.