Уставните измени се помалку се зборуваат во Собранието, вклучувајќи ја и власта. Ние како опозиција мислам дека многу пати сме го кажале зошто е тоа така и кои се причините и кој ја донесе Македонија во оваа слепа улица и тоа го алармираме повеќе од година дена, барајќи предвремени патламентарни избори со цел граѓаните да одлучат во кој правец ќе се движи Република Македонија во иднина, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Љупчо Пренџов во гостување во емисијата Анализа на ТВ 24.
Пренџов додаде дека е при крај мандатот на овој парламентарен состав и дека уставните измени под бугарски диктат нема да се случат.
„Мислам дека таа тема завршува и веќе е при крај овој состав на парламентот и уставни измени под бугарски диктат нема да поминат. И мислам дека тоа им е јасно на сите, рече тој.
На прашањето дали тој како пратеник ќе чувствува одговорност доколку Македонија оставрне во ова статус кво, Пренџов рече дека нема да чувствува одговорност.
„Не, не чувствувам одговорност. Од повеќе причини не чувствувам одговорност. Првата причина е затоа што алармиравме и го молевме Бујар Османи да не ги потпишува протоколите кои што ги потпиша во Софија, а кои се поврзани директно со нашиот идентите на Македонците. Втората причина е затоа што ги молевме како влада да имаме еден унисон став и да заличиме како нормална држава каде што власта и опозицијата кога се работи за европската перспектива на државата зборуваат со еден глас. Но и тоа го одбија. И трета причина е затоа што нашата цел е како да ги внесеме нашите граѓани на Македонија во ЕУ, додека целта на власта е како Бугарите да ги внесе во македонскиот Устав. Така што не чувствувам никаква одговорност како пратеник, потенцираше Пренџов.
Според него не се само проблем уставните измени, проблем е и немањето на право и правда, додавајќи дека 7 години власта не прифаќа ниту една помош од опозицијата, како и дека според сите релевантни анкети власта веќе нема ниту легитимитет, ниту кредибилитет.
„Не се само проблем уставните измени, оваа држава има проблем со право, правда, корупција и економија. Седум години имаме власт која што е самобендисана и не трпи критики, власт која што ниту една добронамерна помош од страна на опозицијата не ја прифаќа и имаме власт која според сите релевантни анкети гледаме дека нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет, истакна Пренџов.