Од денеска во официјална посета на Македонија и на Армијата на Македонија ќе престојува претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.
Официјалната посета, адмиралот Бауер ќе ја отпочне утре во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана каде ќе оствари средби со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, по што ќе следува и прес-конференција.
За време на посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана, претседавачот на највисокото воено советодавно тело на НАТО, ќе се запознае со плановите и развојот на способностите на Армијата на Република Северна Македонија, процесот на трансформација и опремување, како и со учеството на Армијата во операциите и вежбовните активности.
Во текот на денот, адмирал Бауер ќе оствари средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Бауер ќе ја посети и касарната „Илинден“, каде ќе присуствува на дел од предвидените активности на баталјонот на специјални сили, а следниот ден ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде ќе одржи предавање пред припадниците на Генералштабот и Воената академија.