„Претседателката има право да го употребува името Македонија, како чин на самоопределување и самоидентификација“

– Кабинетот на претседателот на Северна Македонија преку соопштение одговори на бројните реакции во врска со употребата на уставното име на државата.

За време на свечената заклетва што се одржа вчера во Собранието на Северна Македонија, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова го употреби старото име „Македонија“.

Северна Македонија и Грција во јуни 2018 година го потпишаа Преспанскиот договор, ставајќи крај на спорот за името, според кој Македонија го промени името во Северна Македонија, додека Грција го укина ветото за членството на земјата во НАТО.

Реакциите за настапот на претседателката Силјановска-Давкова почнаа веднаш, кога грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, ја напушти собраниската сала.

Во врска со ова, реагираа високи претставници на ЕУ, кои побараа целосно спроведување на Преспанскиот договор, а уште поостри реакции имаше од Бугарија и Грција.

Во соопштението на Кабинетот на претседателот се наведува дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но се нагласува дека таа „има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“.

„Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“, стои во соопштението, и се додава дека свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.

„Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата“, се вели во соопштението.