Претседателката на Грузија, Зурабишвили стави вето на законот за „странско влијание“

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили соопшти дека ставила вето на контроверзниот закон за „странско влијание“, кој предизвика масовни протести во земјата.

„Денес ставам вето (…) на закон кој е руски по својата суштина и е во спротивност со нашиот устав“, рече Зурабишвили откако текстот усвоен од Парламентот оваа недела беше осуден од неговите противници дека има за цел да ја одврати Грузија од нејзиниот пат кон Европа и да ја насочи кон Русија.

Таканаречениот „руски закон“, чии противници протестираат со недели против неговото усвојување, бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Критичарите на законот велат дека тој е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ.

Претседателката Саломе Зурабишвили, која влегува во сè поостра конфронтација со грузиската владејачка партија, денеска изјави дека законот е во спротивност со Уставот на Грузија и „сите европски стандарди“, и додаде дека тој „мора да биде повлечен“.