Претседателката на Косово Вјоса Османи – Садриу денеска ја посети општина Чаир, каде беше откриена таблата со новото име на улицата „Ибрахим Ругова“, во чест на поранешниот косовски претседател.
Како што информира општина Чаир, на настанот присуствуваа градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и Теута Ругова, ќерка на претседателот Ибрахим Ругова.
Градоначалникот Ганиу изјави дека оваа улица се наоѓа во една од најстарите населби и многу блиску до Скопското кале.
„Ибрахим Ругова, токму ова име ќе стои во личните документи на стотици граѓани на општина Чаир. Ова е најмалото нешто што ние можеме да го направиме за некој како доктор Ибрахим Ругова, човек кој до последниот момент од неговиот живот дишеше за Косово, конкретно и за Албанците воопшто. Тој беше идеолошкиот архитект, кој со својата мирољубива филозофија ја дизајнираше иднината на Косово, како независна држава, со вистинска дипломатска соработка со Соединетите Американски Држави и земјите од Европската Унија“, вели Ганиу. Додаде дека името на Ибрахим Ругова ќе стои заедно со 66-те нови имиња кои неодамна се поставија на улиците во општина Чаир.
Косовската претседателка Вјоса Османи – Садриу ја посети и Старата скопска чаршија, каде се сретна со локалните еснафи. Заедно со градоначалникот Ганиу положија цвеќе кај споменикот на Скендербег и на Хасан Приштина.