Ставовите дека Преспа беше големо достигнување на грчката надворешна политика, но и дека активностите за време на владата на СИРИЗА сега се замрзнати, а „се замрзнаа во корист на догмата на неподвижност“, ги изрази претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Никос Папас одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Папас посочи дека Договорот дојде и поради политичката промена во Грција во 2015 година, но и како „резултат на визијата“ на тогашната грчка влада за „земјата да биде протагонист во регионот“.
Со нашата влада, не само што решивме големо прашање кое десничарското лицемерие никогаш не дозволуваше да се реши, туку земјата ја направивме протагонист на Балканот и во поширокиот регион. Се зајакнаа трилатералните сојузништва. Посетите на Алексис Ципрас на Балканот и неговите иницијативи беа безбројни. Јас не сум учествувал на поголем трговски форум од оној што се одржа во Македонија. Стотици грчки бизниси и бизниси од Македонија се сретна и ги покажаа можностите, а за жал оваа политика се замрзна и се замрзна во корист на догмата на неподвижност. Но, знаете, кога си ти неподвижен, не престанува и светот околу тебе да се движи и особено ако имаш бучен сосед на исток, агресивна и ревизионистичка сила во однос на меѓународното право, ова е на товар на националните интереси, рече претседателот на пратеничката група на СИРИЗА.
Дополнително посочи дека „потребно е Грција да се врати на енергичната повеќедимензионална надворешна политика“, бидејќи е силна земја и „не може да се однесува како исплашена, бидејќи има Влада која со идеолошки кочници, неприлагодливост и членови кои уценуваат, не го спроведува она што се подразбира“.
На Меѓународниот саем традиционално секоја година, првиот викенд се одржуваат говорот и прес-конференција на премиерот на Грција, а последниот викенд, непосредно пред затворањето е прес-конференцијата на лидерот на главната опозиција, меѓутоа поради случувањата во СИРИЗА и изгласаната недоверба за Стефанос Каселакис, опозициската партија во Солун ја претставува претседателот на пратеничката група.
Никос Папас одговори на над 40 прашања од новинарите на прес-конференцијата што траеше нешто повеќе од два часа, а акцентот беше на внатрешно-политичките случувања во СИРИЗА во пресрет на изборите за нов претседател на крајот на ноември.