ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФРАНЦИЈА ГО ОТКРИ ИМЕТО НА НОВИОТ КЛУБ НА КИЛИАН МБАПЕ: И Макрон врши притисок врз фудбалерот

Францускиот претседател Емануел Макрон го откри името на новиот клуб на Килијан Мбапе за време на приемот на олимпискиот факел во Марсеј.

По тој повод, Макрон зборуваше и за тоа како го притиска францускиот фудбалер да игра за олимпискиот тим на својата земја на претстојните Игри во Париз.

– Се надевам дека во секој случај извршив максимален притисок врз него и врз „идниот клуб“ иако не сакам да го именувам Реал Мадрид. Но, прво го имаме европското фудбалско првенство – изјави Макрон.

Проблемот во оваа приказна е ставот на Реал да не дозволува играчите да играат натпревари надвор од датумите на ФИФА. Мбапе има договор со Пари Сен Жермен до 30 јуни. Иако се уште официјално не објавил каде се сели, сигурно е дека тоа ќе биде Реал.

Олимпискиот турнир ќе трае од 24 јули до 9 август, што е надвор од датумите на ФИФА. Дополнителен проблем е што Олимписките игри почнуваат само десет дена по завршувањето на Европското првенство. Реал Мадрид веќе објави дека нема да им дозволи на своите играчи да играат на Олимписките игри.