Претседателот Пендаровски и вработените во Кабинетот останале без платата за јануари, потврдуваат од таму… Министерството за финансии не ја одобрило, поради пресметано покачување од 5% .
Првиот финансиер Фатмир Бесими го остави претседателот Пендаровски и неговите вработени без јануарската плата. Проблемот настанал откако Кабинетот согласно Колективниот договор што го потпишале со синдикатот, годинава ги покачиле платите на државните службеници вработени кај Претседателот за 5 %, но финансии оценило дека тоа е надвор од предвидено со Буџетот за 2023…
Сепак, од Кабинетот образложението го сметаат за неосновано, бидејќи не барале дополнителни средства..
„Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии.“ велат од Кабинетот на Претседателот.
Од министерството за финансии конкретно не одговорија како ќе се надмине проблемот, само потенцираа дека со отворена комуникација ќе ги решат дилемите кои се појавиле околу реализацијата на буџетот. Коментар за случајот даде премиерот Ковачевски, кој порача Колективните договори да се потпишуваат според можностите во државната каса.
„Замислете сите да потпишат што ќе треба да направиме?! Не знам каков Колективен договор има претседателот ќе си седнат со финансии, ќе разгледаат ќе договорат и ќе има решение како што има решение за се.“ кажа Димитар Ковачевски, претседател на влада
Остра реакција за потегот на Бесими стигна од синдикатот на УПОЗ. „Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен Колективниот договор и да не се исполнат одредби од истиот, чин што е Кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата.“ пишува во реакцијата на УПОЗ.
Повеќе тука