Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со министерката за одбрана на Португалската Република, Марија Хелена Кареирас.
Како што е наведено во соопштението од претседателот на државата, двајцата соговорници разговараа за соработката меѓу двете земји во областа на одбраната, за процесот на реформи во земјава со цел подобрување на воената инфраструктура и модернизација на вооружените сили, како и за заедничките активностите во рамки на НАТО, со цел јакнење на Алијансата и исполнување на заедничките цели во безбедноста и одбраната.
Претседателот Стево Пендаровски го поздрави потпишаниот Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји и изрази очекување дека тоа ќе придонесе за интензивирање на македонско-португалската одбранбена соработка, соработката во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација.
На средбата беа разменети информации за состојбата во Украина, при што претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за територијалниот суверенитет и интегритет, како и воената, политичката и хуманитарната помош што земјава ја дава на Украина.
Стево Пендаровски изрази благодарност за напорите што ги вложи португалското претседавање со Советот на Европската Унија и за севкупната поддршка од Португалија во однос на македонските евроинтеграции.