Долг капут, капа, очила и дупчени весници – ова веќе не е опремата што ја користат приватните детективи во Србија. Тие денес се модерно обучени и совршено имплементирани во средината во која ја извршуваат својата работа, не отстапуваат од просечниот граѓанин ниту милиметар и тоа е тајната на нивниот успех.
Се вели дека приватните детективи „знаат каде спие ѓаволот“. Некогаш се на терен неколку дена, а некогаш и неколку месеци.
„Клиентите најчесто ни се јавуваат кога сакаат да ги проверат своите емотивни партнери. Она што е логично е да се проверуваат сопружниците, но се почесто мажите проверуваат дали и нивната љубовница е верна. Жените не се толку екстремни и досега само проверуваа дали сопругот ги изневерува. Доживуваме секакви работи на теренот, многу тешки и непријатни ситуации. Понекогаш кога не би се посомневале во таа жена или маж, се случува тие да се прељубниците“, изјавил за РИНУ приватен детектив од Чачак.
Но, не се следат само емотивните, често на мета се деловните партнери, но и децата, туку се врши и потрага по исчезнати лица и вредни предмети.
„Родителите сакаат да проверат дали нивните деца се дрогираат или се членови на одредени секти. Можеби е најтрауматичното искуство за детектив кога треба да им каже на таткото и на мајката дека нивното дете е наркоман, но тоа им помага на родителите бидејќи потоа ги упатуваат на лекување, на клиники или манастири“, додава тој.
Соговорникот не крие дека работата на приватен детектив е крајно заморна и стресна, а најважен, како што вели, е тој прв разговор со клиентот.
„Врз основа на тој дијалог ги собираме сите потребни информации и ја започнуваме истрагата. Некои случаи, како кражбите на куќи, се целосно неинтересни, а некои буквално би можеле да бидат тема на романи. Минатата година успеав да ги соединам таткото и синот по 56 години, а тоа не можеше да го направи ниту германската полиција“, вели овој Шерлок Холмс од Шумадија.
Приватните детективи често се од помош и на државните органи, со Законот за детективска дејност кој стапи на сила на 5 декември 2013 година, оваа област е законски регулирана по 20 години, а надзорот е доверен на МВР.