Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица при Регионалниот центар за гранични работи Југ синоќа околу 21 часот во близина на хотел во Гевгелија, го лишиле од слобода А.М.(21) од Скопје, соопштија денеска од МВР.
– Околу 20 часот во близина на село Богородица, гевгелиско, полициски службеници забележале дека во возилото „ауди“ со косовски национални ознаки, кое го управувал, влегуваат мигранти, по што дале знак за негово запирање. Тој не застанал и продолжил со движење на автопатот А1 во правец Гевгелија – Скопје и во близина тунелот „Јаворица“ ги истоварил мигрантите. После тоа, се вратил назад на автопатот А1 во правец Скопје – Гевгелија и во 21.00 часот бил запрен и лишен од слобода, се појаснува во соопштението.
По пребарување на теренот, се додава, биле пронајдени четири лица мигранти од Сирија. За настанот бил известен јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.