Основачот на приватната воена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин денеска уште еднаш ги обвини редовните руски војници дека ја предале својата позиција кај Бахмут.
Пригожин тврди дека единиците на руската одбранбена армија се повлекле 570 метри северно од Бахмут и ги напуштиле позициите заземени во февруари. Тој им се обрати на началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, и на министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, со барање по секоја цена да ги држат своите страни уште неколку дена.
– За жал, единиците на руското Министерство за одбрана се повлекоа 570 метри северно од Бахмут, откривајќи ги нашите крила. Јавно се обраќам до највисокото раководство на Министерството за одбрана затоа што моите писма не се читаат. Ве молиме не ги предавајте нашите страни. Не се откажувајте од населбите Сако и Ванцети. Издржете уште неколку дена. Направете сè што е во ваша моќ за да не се распаднат страните – вели Пригожин во говорната порака објавена на Телеграм.
Министерството за одбрана на Русија засега не соопштува ништо.
Пригожин, исто така, неодамна ги обвини единиците на руската армија дека ги напуштаат своите позиции, што ги натера украинските сили да го ослободат патот Часив Јар-Бахмут, кој можат да го користат за доставување на материјали. Министерството тогаш соопшти дека не се работи за повлекување туку префрлање на поповолни позиции.
Украинската армија тврди дека постигнала напредок околу источниот град Бахмут во изминатите 24 часа и покрај тешките напади на руските сили.
– Нашите единици продолжија да напредуваат на крилата и покрај тоа што моментално немаат предност во жива сила и опрема. Напредувавме од 150 до 1.700 метри, во зависност од делот на фронтот – изјави за украинската телевизија Серхи Черевати, портпарол на оперативната група „Источна Украина“.
За време на неодамнешните борби во Бахмут, да потсетиме, беше убиен и поранешен член на американските зелени беретки.