Придржувањето до Преговарачката рамка ги исклучува стравувањата од нови барања од Бугарија, порача Ковачевски

Придржување до Преговарачката рамка и спроведување на уставните измени, кои се содржани во неа со цел да се продолжи со натамошниот чекори во евроинтеграцискиот процес, односно одржување на втората меѓувладина конференција и практично отворање на преговорите по кластери со ЕУ, побара вчера премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи оти тоа е патот по кој доколку земјата се движи нема потреба да стравува од нови бугарски барања.

Прашањето за евентуални нови бугарски барања се отвори по изјавата минатата недела на министерот за надворешни работи Бујар Османи за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), во која истакна дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. 

По вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вчера се осврна и премиерот Ковачевски, кој рече дека е во постојана комуникација и со Османи и со Маричиќ и според него изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото, ниту пак се разликува од другите изјави на оваа тема.  

Ковачевски потенцира дека имаме усвоена преговарачка рамка, одобрена од 27 земји-членки на ЕУ, на која, како што рече, се придржуваат сите земји на чело со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

-Од друга страна, опозицијата сакајќи да го одолговлекува процесот, сакајќи повторно да ја внесува државата во изолација, со тоа може да и даде можност на Бугарија да каже: „Гледајте, тие не сакаат да ги исполнат нашите обврски, а ЕУ ги исполнува своите обврски“, бидејќи ние имаме Преговарачка рамка со ЕУ, немаме Преговарачка рамка со Софија, рече Ковачевски.

Тој додаде дека скринингот се одвива во Брисел, а не во некој друг град и поради тоа е потребно фокусот да се стави на исполнување на она што е во Преговарачката рамка.

-И затоа ако се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш и нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи се она што е наведено е наведено во Преговарачката рамка. Нормално дека ние имаме и билатерален договор со Бугарија, исто како што имаме и билатерален договор со Грција, која што се реализира на билатерално ниво, кој што се наоѓа во општите одредби на документите со ЕУ, не во посебните бенч маркови и во критериумите во коишто се оценува напредокот на државата, согласно Копенхашките критериуми и тоа е нешто што е работа на МНР, на историската комисија, која што работи на паритетна основа и која што не може да донесе ниту една одлука доколку не се согласат сите историчари, коишто се членови на Комисијата, а тоа значи сите претставници од нашата држава и сите претставници од соседната држава. Без консензус не може да биде донесено ниту едно решение. Она што досега било донесено тоа било донесено со консензус. И тоа што е донесено со консензус на паритетна основа и на реципрочна основа се имплементира во двете држави, рече Ковачевски.

Премиерот напомена дека Бугарија имала голем број барања во изминатиот период и тие барања биле предмет на напорни и тешки преговори, во коишто било вклучено француското претседателство во текот на изминатата година, но во текот на тој процес биле заштитени македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Маричиќ, пак, завчера повтори дека не очекува нови бугарски блокади по уставните измени. 

-Сите наши обврски со Бугарија се напишани на хартија и се вградени или во Преговарачката рамка или во заклучоците кои ги имаме од Советот на ЕУ од минатата година, така што она што можеме да го очекуваме е предвиливо, изјави вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Тој додаде дека по завршувањето на уставните измени, автоматски треба да се свика втората Меѓувладина конференција и за тоа, како што рече, имаме цврсто уверување и од шпанското претседателство и од следните држави кои ќе бидат претседавачи.

-Секоја држава-членка во текот на преговорите може повеќе пати да отвори прашање, но мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет да прават каква било блокада, бидејќи сметам дека беа доволно блокади, рече Маричиќ.

Лидерот на опозицијата Мицкоски, пак, вчера го повтори ставот дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктатот, но и со став дека секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет зад таа акција стоела поддршката од страна на Русија, односно руските интереси на Балканот.

-Повикувам Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ… Така било и за време на Санстефанскиoт договор кога практично Бугарија ја добива денешна Македонија како подарок, а е резултат на она што го договориле министрите за надворешни работи на Отоманската империја и тогашната руска власт. Истото се случило и кога е напуштен Бледскиот договор од страна на Бугарија, еднострано по налог на тогашниот советски претседател Сталин. Истото, за жал, денеска само со македонска рака го потпиша триото Ковачевски, Пендаровски, Османи. Кога би бил жив Тодор Живков би бил многу горд на овие тројца и сигурен сум дека би ги нарекол како благонадежни Бугари. Затоа повикувам Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ е јасен во своите позиции и по ниту една цена нема намера да отстапи и по ниту една цена нема да го прифати бугарскиот диктат, изјави вчера Мицкоски.

И додека на отворена сцена за шпекулира за евентуални нови бугарски барања, во Скопје завчера далеку од очите на јавноста се одржал состанок на експертските работни групи на Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија. За состанокот информираа министерствата за надворешни работи на двете земји, но само со соопштение објавени на нивните сајтови.

-Во текот на состанокот, двете страни заемно се информираа за текот на реализацијата на преземените ангажмани согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и Протоколите од одржаните средби на Заедничката меѓувладина комисија согласно чл. 12 од Договорот, се наведува во соопштението на МНР.

Се додава дека посебно внимание во разговорите било посветено на главните теми од билатералниот политички дијалог, активностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка и комуникација во функција на зацврстување на меѓусебната доверба.  

Во меѓувреме повеќе иницијативи од земји-членки на Унијата за забрзување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, како прашање од геостратешки интерес, но и зголемен интерес за можност за менување на начинот на носење одлуки во ЕУ од сегашниот консензус во квалификувано мнозинство, по извештајот на француско – германската група експерти. Во извештајот меѓу другото се препорачува пред следното проширување, ЕУ да премине на одлучување со квалификувано мнозинство, во што е можно повеќе области и да спроведе бројни реформи на повеќе нивоа, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, што се совпаѓа со поставената цел на Северна Македонија да стане полноправна членка на Унијата до 2030 година.  

Реформскиот приод што го нуди француско – германскиот предлог ја зајакнува позицијата на ЕУ како глобален играч. Во делот на проширувањето, за нас, уставните измени остануваат услов кој мора да биде исполнет за да можеме да ги продолжиме евроинтеграциите, но при тоа воведувањето на одлучување со квалификувано мнозинство драстично ја зголемува сигурноста дека по пат нема да се појават други нови услови е оценката во анализата за МИА на претседателот на Советот на Амбасадори, амбасадорот Ѓорѓи Филипов и на Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје во врска со извештајот за реформи на ЕУ, изработен од француско – германската група на експерти.

Во него се предлага укинување на ветото преку воведување на принципот за одлучување со квалификувано мнозинство (со гласовите на 55 отсто од државите членки или 15 од 27 членки и при тоа претставуваат најмалку 65 проценти од вкупниот број жители во ЕУ), освен за отворањето на преговорите и конечниот прием.