Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) го посвети на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК при УКИМ) и остварувањата во афирмацијата на македонистиката.
Од УКИМ денеска соопштија дека во знак за признание за посебен придонес за афирмацијата на македонистиката, доделиле благодарници на универзитетските професори – директори на МСМЈЛК при УКИМ од неговото основање наваму: акад. Александар Спасов (постхумно), акад. Божидар Видоески (постхумно), проф. д-р Томе Саздов (постхумно), проф. д-р Кирил Конески (постхумно), проф. д-р Томислав Тодоровски, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која со МСМЈЛК при УКИМ раководи од 2019 година. Признание e доделено и на лекторот кој досега најдолго се посвети на развивањето на дејноста на МСМЈЛК при УКИМ, Роза Тасевска.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски на свеченоста истакна дека од школа за македонски јазик за странски слависти, на чие прво издание имало 21 учесник од 12 земји, Семинарот прерасна во главен придвижник и стожерник на развојот на македонистиката на странските универзитетски центри и академско јадро на меѓународната афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.
-Факт е – токму МСМЈЛК при УКИМ е оној што е заслужен не само за тоа што денес, македонистиката се изучува на универзитетите ширум светот, туку и што македонистиката има бројни посветеници и афирматори на сите континенти – истражувачи, универзитетски професори, книжевни преведувачи, публицисти… Тие се дел од оние над 4000 учесници на школите на Семинарот, но и од некогашните и сегашни студенти на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Ама заслужен е и за тоа што како резултат од неговата соработка со странските универзитетски центри, денес има и македонистички подмладок во странските академски и културни средини, кој е една од гаранциите за перспективите на странската македонистика во времето што е пред нас. Но, исто толку, неспорен факт е и дека Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е оној што веќе пет децении го поттикнува развојот на странската македонистичка научна мисла, истакна Јанкуловски.