Приказната за младешката љубов на папата Франциско, која ја доживеа долго пред да стане поглавар на Католичката црква, по неговата смрт повторно го привлече вниманието на јавноста. Многумина веруваат дека токму тоа искуство ги обликувало неговите животни вредности и начинот на водење на Црквата.
Тие беа соседи во Буенос Аирес
Амалија Дамонте живеела само неколку куќи подалеку од младиот Хорхе Марио Бергољо во скромната населба Флорес во Буенос Аирес.
Како дванаесетгодишник, Хорхе развил силни чувства кон својата сосетка Амалија. Во напад на момчешки занес, тој и напиша писмо кое подоцна стана познато низ целиот свет.
„Ако не се оженам со тебе, ќе станам свештеник“, напиша тогаш младиот Хорхе, приложувајќи цртеж од бела куќа со црвен покрив – замислен заеднички дом.
Сепак, родителите на Амалија не ја одобрувале нивната љубив.
„Татко ми ме претепа затоа што се осмелив да му напишам писмо на едно момче“, изјави Амалија за Асошиетед прес.
Нивната строга забрана го означи крајот на таа кратка љубовна приказна, но во исто време и почеток на духовното патување на Хорхе.
„Тој беше големо, зрело, прекрасно момче“
Набргу по прекинот на контактот, семејството Бергољо се иселило од улицата Мембрилар. Амалија продолжила со својот живот и основала семејство, додека Хорхе го избрал патот на духовната служба. Иако никогаш не ја обновиле својата врска, Амалија од далечина ја следела неговата свештеничка кариера и напредок во црквата.
„Тој беше големо, зрело, прекрасно момче“, се сеќава Амалија.
„Танцувавме, игравме по тротоарите и парковите.”
Марија Елена Бергољо, неговата сестра, еднаш изјави дека не сака нејзиниот брат да стане папа поради „бескрајната осаменост“ што ја носи улогата. Амалија Дамонте, која сега има 88 години, со насмевка се присетува на тие денови на младешка наклонетост, често велејќи: „За негова среќа, реков не“.