Претставници на белгиското претседателство со ЕУ и на Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа договор за измени на Законот на Унијата за спречување и борба против трговијата со луѓе, со кои принудните бракови, илегалното посвојување и присилното сурогат мајчинство се прогласуваат за форми на експлоатација.
Дополнително со измените, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се предвидуваат санкции за лицата кои свесно користат услуги на жртвите на трговија со луѓе, како и дополнителни мерки за превенција, поддршката и помошта на овие жртви.
Во изменетата верзија на законската директива, злоупотребата на сурогат мајчинството, принудниот брак и нелегалното посвојување експлицитно се наведуваат како форми на експлоатација во опфатот на дефиницијата за трговија со луѓе.
Според новата дефиниција, како експлоатација ќе се смета доколку жена под принуда или со измама се натера да роди дете, кое по раѓањето би било посвоено од друго лице или двојка.
Со измените за директивата за браковите под принуда, илегалното посвојување и присилното сурогат мајчинство ќе се казнуваат со затворска казна од пет до десет години.
Зголемени санкции се предвидуваат и за правните лица поврзани со прекршоци за трговија со луѓе, со тоа што ќе им биде оневозможен пристап до јавно финансирање, учество на тендери, добивање грантови, концесии и лиценци, па дури и одземање на дозволите и овластувањата за работа.
Директивата за спречување и борба против трговијата со луѓе на ЕУ е усвоена во 2011 година како клучен инструмент за превенција и санкционирање на оваа појава и за заштита на нејзините жртви.
Според податоците на Европската комисија, главни цели на трговијата со луѓе се обезбедување на лица за сексуалната и трудовата експлоатација, кои заедно со питачењето и отстранувањето на органи се дефинирани како форми на експлоатација уште во законската верзија од 2011 година. Од друга страна во 2020 година 11 отсто од формите на експлоатација отпаѓале на принудните бракови и илегалното посвојување.