– Припадниците на Логистичката база, која обезбедува логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија, денеска во касарната „Илинден“ со воена свеченост го одбележаа 20 мај – Денот на единицата, информираат од Генералштабот на Армијата.
На свеченоста, пред припадниците на оваа единица, се обратија заменик – министерот за одбрана Тирон Јајага, заменикот на началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Логистичката база полковник Мухарем Мухареми.
Јајага, упатувајќи честитки во своето обраќање по повод денешниот ден, ја истакна улогата на Логистичката база како еден од главните столбови во функционирањето на Армијата, единица која ефективно и ефикасно дава јасна поддршка на сите останати субјекти во Армијата како командите, единиците кои се упатуваат во мировни мисии, на јужната граница, при изведување вежбовни активности, но и давање на логистичка поддршка на останатите институции и цивилното население.
– Лично бев убеден, а сега веќе знам дека во Логистичката база има искусен, совесен и вреден кадар, кој со своето знаење, искуство и посветеност во работата ќе се справи со сите предизвици кои се очекуваат и во периодот кој претстои. Да продолжите со вашата посветеност, бидејќи успехот на вашата команда подразбира успех на целата наша Армија, рече Јајага.
Генералот Нуредин, по историскиот осврт по повод Денот на единицата им оддаде признание на припадниците на ЛБ, потенцирајќи дека посветеноста, капацитетот и професионалноста се препознаени преку поддршката која ја даваат на редовните активности на единиците на Армијата, составите кои се упатуваат во операциите предводени од НАТО, ЕУ И ОН, како и меѓународните вежби.
Тој им оддаде признание и за непречената логистичка поддршка за најголемата меѓународна вежба оваа година „Брз одговор 23“, која ќе се реализира од 22 мај до 2 јуни на армискиот полигон „Криволак“.
Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми во својот говор ги истакна реализираните и актуелните задачи кои припадниците на оваа единица ги извршуваат со максимална посветеност, притоа додавајќи дека брзото и навремено распоредување на силите подразбира ефективна и сеопфатна логистичка поддршка, која е од витално значење за успешно исполнување на оперативните амбиции и цели на борбените единици.
Во рамки на свеченоста, на припадниците на единицата кои постигнале забележителни резултати во работата, им беа соопштени стимулативни мерки.
На свеченоста присуствуваа и државниот секретар во Министерството за одбрана Владимир Анчев, директорот на Генералштабот бригаден генерал Симеон Трајковски, команданти на единиците во Армијата, претставници од Генералштабот, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и од цивилните структури со кои соработува единицата.
Логистичката база е највисока единица од доменот на логистиката во Армијата, чија основна мисија е планирање, организирање, координирање и извршување на логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија.
За Ден на Логистичката база, со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили за определување на денови на единици, е одреден 20 мај во спомен на отпочнување на првите логистички подготовки за Разловечкото востание.