Пристигнаа шесте нови автобуси за градскиот превоз во Штип

Јавниот градски превоз станува реалност, денеска пристигнаа шестте автобуси, истакна на денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Посочи дека овој ден за него и за граѓаните на Општина Штип е датум за паметење, бидејќи се реализира еден капитален проект, кој со децении е најавуван од сите локални власти.

-Ова со сигурност е најголемата инвестиција од една локална самоуправа, којашто се случила во една година, затоа што вредноста на овие шест автобуси, коишто ќе се користат за јавниот градски превоз е 50 милиони денари. Потребата за јавен градски превоз е нотирана уште многу години порано, вели Јорданов.

Посочи дека јавниот градски превоз граѓаните, пензионерите, учениците и студентите ќе го користат од 1 септември, а ќе се возат во нови модерни и климатизирани автобуси. Превозот ќе го реализира ЈП „Стипион“, а веќе се донесени и низа одлуки, како и ценовникот за линискиот превоз низ Штип, но и приградски населби, како и до соседната Општина Карбинци, за што е склучен договор. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски вели дека ќе има шест линии, но доколку граѓаните имаат предлози релациите и линиите ќе се зголемуваат. Посочи дека Штип ќе има модерен, еколошки и економичен превоз. Тој најави дека првите три дена превозот за сите граѓани ќе биде бесплатен, со цел да ги научат линиите и да видат како функционира.

-ЈП „Стипион“ ќе располага со седум автобуси со различен капацитет, со кои превозот ќе се одвива на шест линии на територија на Општина Штип и Карбинци. Утврдени се возен ред и ценовник, за кои информации ќе понудиме на страницата на јавното претпријатие, општините Штип и Карбинци, како на социјалните мрежи и во медиумите, вели Стефановски.

Билетот за градското подрачје ќе чини 30 денари, додека за населбите Балканска и Македонка 35, а за Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман 40 денари. Во Општина Карбинци ќе има превоз до три села и билетите во еден правец ќе изнесуваат од 60 до 90 денари. Јорданов и Стефановски истакнаа дека воведувањето на јавниот градски превоз ќе значи решавање на проблемот со сообраќајниот хаос и паркирањето во центарот на градот.