Пристигнува меѓународна помош за гаснење на пожарите во Македонија

По еден хеликоптер од Србија и Чешка се пристигнати во Македонија како дел од меѓународната помош обезбедена со ЕУ механизмот на цивилна заштита.

Во гаснењето на пожарите ќе помага и еден хеликоптер од Словенија, додека Шведска и Германија ќе испратат по два Ер трактори. Се очекува пристигнување и на тим од Унгарија од 46 лица со 13 возила меѓу кои и специјални теренски противпожарни возила.

Седумчлениот тим на Словенија објави дека е подготвен да и помогне на Македонија во справувањето со шумските пожари.

-Во овие тешки моменти, солидарноста е клучна, објави Министерството за одбрана на Словенија.

Македонија по втор пат летово бара меѓународна помош во справување со големите пожари. Минатиот месец помош пристигна од Србија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Романија.

МВР продолжува да ја спроведува акцијата „Пожар 2024“, а досега се приведени неколку лица осомничени за подметнување на пожарите и предизвикување општа опасност.