– Вевчанецот Ранко Србаковски, кој викендов на социјалната мрежа „фејсбук“ упати расистички и ксенофобични пораки кон штипјанецот Зоран Мијалков, татко на две деца со аутизам, се соочува со казна затвор од една до пет години.
Србакоски ја згрози македонската јавност со пораки упатени на сметка на Мијалков и на неговите две деца, а во кои во дел пишува дека се терет на државата поради нивниот атипичен развој. Штипјанецот Мијалков посочува дека не е првпат да добива вакви пораки, најави дека случајот ќе го пријави во полиција, а вчера тоа го стори и првата детска амбасада „Меѓаши“, потврди Клементина Добревска.
– Во врска со овој случај во текот на вчерашниот ден Меѓаши реагираше до МВР и Одделот за компјутерски криминал по основ ширење на говор на омраза и насилство преку социјалните медиуми, согласно Член 394 од Кривичниот законик, вели Добревска.
Од МВР за МИА потврдија дека пријавата ја добиле во текот на вчерашниот ден.
– Ве известуваме дека 20.08.2023 година до Секторот за компјутетрски криминал е пристигната пријава за лицето Р.С од страна на Детската амбасада „Меѓаши“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот се вели во писмениот одговор од МВР.
Од „Меѓаши“ побараа институциите навремено да реагираат, а истовремено упатија апел и ги охрабрија родителите да ги пријавуваат случаите за социјален линч кои се повеќе се зачестени.