Владејачката хунта во Гвинеја го помилува поранешниот претседател на земјата, Муса Дадис Камара, кој отслужуваше 20-годишна затворска казна за масакрот на стадионот во 2009 година, извршен од војската, според декретот прочитан на државната телевизија.
Камара беше осуден во јули 2024 година за командна одговорност. Тој беше прогласен за виновен за злосторства против човештвото за смртта на најмалку 157 луѓе на стадионот. Десетици жени биле силувани.
Војниците отворија оган врз демонстрантите на стадионот кои протестираа против плановите на Камара да се кандидира за претседател, една година откако тој изврши државен удар.
Тогашната хунта тврдеше дека силувањата и убиствата биле извршени од „неконтролирани“ елементи на армијата. Меѓутоа, Хјуман рајтс воч во извештајот наведе дека главните помошници на Камара биле на стадионот и не направиле ништо за да го спречат масакрот.
Многу жртви биле застрелани, прегазени или избодени, а униформирани мажи барале жени кои ги криеле и групно ги силувале, велат очевидци.
Луѓето не можеа да избегаат бидејќи претседателската гарда на Камара го опколи стадионот и ги блокираше излезите, според преживеаните.
На семејствата на жртвите им беше дозволено да дојдат и да ги соберат телата на жртвите само по неколку дена, а некои никогаш не беа пронајдени.
Камара побегна од земјата откако преживеа обид за атентат неколку месеци по масакрот, но подоцна се врати во Гвинеја. Сегашната хунта, предводена од Мамади Думбуја, ја презеде власта во септември 2021 година.
„Ако сум тука пред вас, тоа е поради мојот патриотизам, инаку немаше да се согласам да дојдам“, рече тој на првиот ден во судницата.
Тој додаде дека спиел додека се случувал масакрот.
Додека беше во затвор кон крајот на минатата година, Камара беше ослободен од вооружени напаѓачи кои упаднаа во главниот затвор во земјата, но неколку часа подоцна се врати во притвор откако неговиот адвокат рече дека бил киднапиран.