И во текот на јуни ќе продолжат акциите кои ги организира Национален парк Шар Планина во соработка со планинарските клубови со цел да се соберат што е можно повеќе фрлени отпадоци.
Таква акција ќе се спроведе и викендов, на 3 јуни планинарските клубови од тетовскиот крај ќе организираат заеднички активности на Боговињско Езеро додека на 4 јуни клубовите од гостиварскиот крај ќе работат на Рамен Камен.
-Шара без отпад е нешто што договоривме со планинарските клубови, со Федерацијата на планинарските спортови. Досега имавме неколку дена спроведено акции на цела Шара. Успешно ги спроведовме, ни се приклучија и други институции како што се Универзитет во Тетово, училишта, здруженија. Апелираме секој посетител којшто ќе дојде на Шара зад себе да не остава отпад или пак на излетничките места и ливадите каде што ќе престојуваат на Шара зад себе да не оставаат отпад. Секако низ цела Шара, на пределите има расфрлан отпад, а голем проблем се и населените места, селата каде што не се собира отпад. На планинарските патеки и излетничките места, граѓаните, планинарите го собираат отпадот, не го оставаат зад себе, посериозен проблем е со цврстиот отпад на неколку локации што го има, изјави Ибрахим Дехари, директор на Национален парк Шар Планина.
Еден од планинарските клубови, Љуботен од Тетово минатиот викенд при организација на нивната традиционална тура за искачување на Титов врв, на Попова Шапка спроведе акција за собирање отпадоци, а се приклучи и кон претходните во текот на мај на други места. Претседателот Јован Божиновски, вели дека сликите од планините покажуваат потреба за поголема свест кај луѓето за чување на животната средина.
-На планинарски патеки на Шар Планина нема многу отпад. Најголемиот отпад може да се сретне на самите излетнички места, Сидол, Лешница, Три Води, места кои се пристапни со теренски возила. Доаѓаат луѓе и свеста на тие луѓе е на тоа ниво што отпадот го оставаат тука. НП Шар Планина организира секој викенд настани, сите планинарски клубови од Тетово и Гостивар се вклучени во овие настани. Ние собравме дел од отпадот, но тој отпад е многу малку за разлика од она што го гледаме во тие излетнички места. Ако е лесно кесе со смоки или лименка со сок да ја качиш нагоре затоа што е потешка, дури и полесна е да ја згмечиш, да ја ставиш во најлонче да ја спуштиш доле. Тоа е што секој треба да го направи и да има чиста и здрава животна околина, порача и Јован Божиновски.
Од јавната установа НП Шар Планина најавија дека на најпосетените излетнички места нивните вработени ќе постави знаци за забрането фрлање отпад