Продолжуваат кампањите за претстојните претседателски и парламентарни избори

Продолжуваат кампањите за претстојните претседателски и парламентарни избори, каде претседателските кандидати, како и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ги претставуваат нивните програми пред граѓаните низ државата. Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи в среда, на 24 април, додека пак, вториот круг предвидено е да се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Пред зградата на ЕУ во Скопје, СДСМ, Коалицијата за европска иднина и кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ќе одржат централен граѓански митинг, на кој ќе се обратат претседателот на ПЕС Стефан Левен, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Предвидено е куси обраќања да имаат и носителите како и коносителите на изборните листи на СДСМ и Коалицијата. 

Главен митинг на плоштад „Македонија“ во Скопје, денеска ќе одржи и коалицијата предводена од ДУИ „Европски фронт“, додека пак, албанската опозициска коалиција „Вреди“ ќе одржи митинг на плоштадот во Гостивар.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе одржи прес-конференција пред Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на која ќе се обрати носителот на листа во Изборната единица 1, Бобан Карапејовски. Својата програма пред граѓаните денеска ќе ја презентира и Работничката партија, која во Струга ќе оствари средба со граѓаните пред Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“.

Синоќа во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарните избори, СДСМ и Коалицијата за европска иднина одржаа граѓански собир во Тетово, Брвеница и Желино, на кој претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски најави дел од мерките како што се енергетска реформа, борба со корупцијата, реформи во судството, намалување на раководните и функционерските места во институциите и администрацијата во насока на предвидената програма за Европска Македонија.

– Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена на подобро во нашата земја. Јас верувам дека во европска Македонија животниот стандард ќе биде многу подобар и дека ќе успееме да изградиме систем на владеење на правото и ефикасна борба против криминалот и корупција. ЕУ не секогаш беше фер со нас. Но тоа не значи дека треба да се откажеме, истакна Ковачевски.

Претседателскиот кандидат од Коалицијата за европска иднина, Стево Пендаровски, одржа митинг во Струмица, на кој се осврна на настаните од 27 април 2017 година истакнувајќи дека ним ни на сон не им паднало да влегуваат во Парламентот и да убиваат колеги пратеници. Како што рече, и по толку години наместо да се извинат и да кажат погрешивме тие преку нивната противкандидатка најавувале амнестија на тие луѓе.

– Значи тие не биле насилници, ние сме биле насилници, тие биле наводно патриоти, а ние сме предавници. Овие луѓе тука, мнозинска Македонија, се срамеше од тоа што тие луѓе го правеа само со една единствена цел-да не ја предадат власта на оние кои на легитимни демократски избори ја добија довербата на граѓаните да ја водат земјата. Ние тоа ниту сме го правеле, ниту ќе го направиме, рече Пендаровски.

Тој синоќа ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка.

– Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата, истакна Пендаровски.

Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска – Давкова, синоќа пред граѓаните на централниот митинг во Делчево рече „чест е да се биде во Делчево, градот на Гоце, кој за актуелниот претседател е Бугарин“.

– Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате. Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во Македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија, рече Силјановска – Давкова.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот митинг во Пехчево пак, ја побара поддршката од граѓаните за освојување на 61 пратеник за формирање на стабилна влада која, како што рече, ќе ја трансформира Македонија и исправи сите погрешни политики од изминатите шест и половина година.

– Некои овие зборови за 61 пратеник ги извртуваат за да ме направат анти Албанец, но јас не сум анти Албанец, туку анти криминалците од ДУИ како Али Ахмети, Артан Груби и сличните. Кога велиме 61 пратеник мислиме да имаме стабилна влада која ќе ја трансформира Македонија, влада која ќе ги исправи сите погрешни политики од изминативе 6 и половина година. Планираме да ја развиваме државата. Мора да ја вратиме надежта кај граѓаните. Затоа е важно оваа порака на национално единство да ја рашириме низ Македонија. За национално обединување, изјави Мицкоски.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во рамки на претседателската и парламентарната кампања, синоќа во Битола одржа митинг на кој се обрати претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Димитриевски на граѓаните во Битола им порача дека доколку ја добие нивната поддршка, како врховен командант ќе се заложи да се заштитат правата на граѓаните, како и правата на бранителите, затоа што како што рече, политичарот не смее да биде над граѓанинот.

– Граѓанинот е на дното, а елитата е на врвот. Тука се кога се бара власт, а подоцна кога ќе треба да се испорача пред граѓаните си седат и си прават ситни калкулации по кабинетите кај што се договараат со својот вечен партнер ДУИ кој повеќе од 20 години работи во оваа држава, кој со пушка влезе во Собрание, рече Димитриевски. 

Претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи, вчера посети неколку тетовски села од каде порача дека постојат реални шанси да помине во вториот круг како кандидат Албанец, бидејќи како што рече, кандидат е на девет политички партии и четири заедници, кои вкупно сочинуваат 47 отсто од населението во Северна Македонија, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми.

– Ова бара мобилизација, затоа нема место кое не сум го посетил. И најголемата порака што можеме да ја пратиме е дека сега сме држава на два народа, кои се натпреваруваат во вториот круг за претседател, еден Македонец, еден Албанец. Ова е историска порака. Затоа ве замолувам да се мобилизирате, да овозможите да се пробие оваа бариера, бидејќи се создава еуфорија, а еуфоријата е како лавина од снег што собира се пред себе. Затоа ве повикуваме луѓе, за да ја оствариме оваа историска победа, да одиме во вториот круг, порача Османи.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска, продолжи со преставување на својата програма во Битола, од каде упати порака дека е среќна што токму Битола е местото кое и ја дало најголемата поддршка за време на собирање на потписите. Рече дека таа победа ќе се преслика и во среда низ целата Република.

– Јас знам дека нема потреба да ве убедувам. Ние сме една црвена армија која во среда ќе извојува победа. Јас програмата ја напишав толку рано што сите имаа можност да ја видат. Ја видоа и моите противкандидати, па почнаа да преземаат. Ете утре ќе имаат можност да дојдат на тенок мраз да видиме кој на што стои и да го бранат она што го раскажуваат деновиве, истакна Ванковска.

Кандидатот за претседател на ВЛЕН, Арбен Таравари заедно со лидерите на коалицијата ВЛЕН вчера одржале митинг со нашите сограѓани иселени во Цирих. 

– Македонија на овие избори се соочува со многу важен крстопат. Изборите се историски бидејќи основата на политичката трка на Македонија, ако ја поедноставиме, излегува дека е албинизмот наспроти вучизмот. Се наоѓаме во историски момент бидејќи по руската агресија во Украина, геостратегијата е целосно променета. Пред 3-4 недели имав можност да седнам со еден американски професор кој се занимава со геостратегија и тој многу убаво ми објасни некои работи со кои целосно се согласувам. Првиот триаголник е Скопје, Тирана и Приштина, а вториот триаголник, кој е многу важен за развој е Скопје, Софија и Атина. За среќа, имаме коректни односи со Приштина, а со Тирана треба да биде што е можно посилна соработката и во иднина треба да размислуваме што повеќе да ја развиеме соработката со Софија и Атина. Овие два триаголници го спречуваат влијанието на Северот, или на руското влијание, рекол Таравари во Цирих.

Таравари побарал поддршка од нашите сограѓани и истакна дека дијаспората е предводник на позитивните промени за Албанците во Македонија.