Ново разгорување на активните жаришта имаше во текот на ноќта во пожарот во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, а пожарникарите веќе 14 дена водат битка огнената стихија да биде ставена под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.
Доцна синоќа пожарот стигна во близина на градот Суфли, па затоа до жителите беше испратена порака од бројот 112 за итни случаи да бидат во состојба на готовност, меѓутоа сепак немаше потреба од евакуација.
Од општината, преку социјалните мрежи упатија апел до граѓаните за рационално користење на водата со цел да ги поддржат напорите за гаснење на пожарот.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, во пожарот интервенираат 582 пожарникари со 129 возила, 16 пешадиски тима, шест авиони и два хеликоптери.
Во пожарот што избувна на 19 август досега изгореа над 80.000 хектари.