Продолжува истрагата за дејноста на Државна лотарија на Македонија, како една од институциите осомничени за бројни финансиски злоупотреби. Од примопредавањето на функцијата на Перпарим Бајрами на Александар Климоски, истражителите речиси секојдневно ги прочешлуваат одлуките и договорите на претходниот директор. Според Радио Слободна Европа, Државната лотарија за 13 месеци исплатила над 300 илјади евра на фирмата „Хеј“ за закуп на поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ во Визбегово, во кој се чуваат терминали за коцкање купени за 19 милиони евра.
Државната лотарија од јули пред една година на фирмата „Хеј“ за кирија и исплатила 25 илјади евра. Оваа компанија е позната во јавноста, бидејќи на чело на неа стоеле луѓе блиски или поврзани со семејството на првиот човек на ДУИ, поранешниот вицепремиер Груби и поранешниот пратеник Јахоски. Како што е познато, истражители на МВР и на Обвинителството за организиран криминал и корупција ја чешлаат документацијата поврзана со објавените огласи, тендери, склучени договори и секоја друга пропратна документација за јавните набавки.
Под истрага е и основањето на три нови компании за организација на коцкање: „77 битс“, „Весув“ и „Моцарт“. Во овие компании државното акционерско друштво има 51% од сопственоста, додека приватните компании од Бугарија, Србија и Црна Гора, косопственици, имаат 49%. За овие три нови субјекти парламентарното мнозинство ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН на почетокот на јули поднесе барање за автентично толкување на Законот за игрите на среќа, сметајќи дека нивното формирање е незаконско и дека треба да се затворат.