Граѓаните со часови чекаат пред полициската станица „Пролет“ каде што има пункт за вадење лични документи без закажување со цел до 12-ти февруари да имаат важечеки документи. По овој датум, личните карти и пасоши на кои стои старото име „Република Македонија“ нема да важат.
Граѓаните се крајно револтирани и нервозни.
– Не можеме повеќе да чекаме. Во редицата сме веќе еден и пол час, а речиси и да не се поместивме од место. Јас имам 80 години, а сопругот 84. Личните карти ни истекуваат во февруари. Но, не можеме да чекаме, си заминуваме – вели нашата соговорничка.
Проверивме и слободен термин со закажување. Првиот е во октомври 2024 година.
-Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите, а и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило – изјавија од МВР.
Освен роковите, граѓаните ги мачат и цените за вадење на нови документи. Ќе треба да се променат и возачките дозволи, собраќајните дозволи, да се направи промена на регистарските таблички.
За пасош за возрасен треба 2.300 денари, за младите и децата е поевтино, за лична карта е 310 денари, за возачка дозвола е 520, за сообраќајна 250 денари, а уште не се знае дали треба нови регистрации кои чинат 1.250 денари, или работата ќе се заврши со РСМ налепници.
Промената на документите, со Република Северна Македонија произлезе од Преспанскиот договор.