Телото на израелско-германската девојка Шани Лук, за која се верува дека била киднапирана за време на нападот на Хамас на музичкиот фестивал во близина на Појасот Газа, наводно било пронајдено денес, пишува Jerusalem Post.
Ади, сестрата на Шани Лук, со објава на социјалната мрежа Инстаграм ја потврди смртта на киднапираното девојче.
За потсетување, Шани Лук беше снимена како лежи неподвижна на задниот дел од пикап, откако беше киднапирана и однесена во Појасот Газа од страна на членови на Хамас.
Од самата снимка не можеше да се утврди дали е жива, но нејзината мајка неколку дена подоцна потврди дека е жива и дека е во болница во Појасот Газа.
Рикарда, мајката на Шани Лук, изјави за германски RTL дека била информирана за смртта на нејзината ќерка во неделата.
Како што пишува Jerusalem Post, сè уште не е јасно дали Шани Лук навистина била жива во болницата во Појасот Газа, а не е познато и каде е пронајдено нејзиното тело, како и дали е вратено во Израел.
Шани Лук присуствуваше на музичкиот фестивал „Супернова“ во близина на границата на Појасот Газа кога милитантите на Хамас извршија голем напад на 7. октомври.