Светскиот ден на менталното здравје нè потсетува дека не постои вистинско здравје без ментално здравје, објави Институтот за јавно здравје. Оваа година, кампањата е фокусирана на итната потреба од психолошка и социјална поддршка за луѓето погодени од хуманитарни кризи.
„Според Извештајот за ментални растројства во Македонија (2014–2023) подготвен од страна на Институтот за јавно здравје, во последната деценија во земјата се регистрирани просечно околу 6.000 болнички случаи годишно поврзани со ментални и бихевиорални растројства, според класификацијата на СЗО (ICD-10)“, велат од ИЈЗ.
Најчести дијагнози се шизофренијата и сродните растројства (26,9%), како и растројствата предизвикани од употреба на психоактивни супстанции (24,2%). Во амбулантските услуги доминираат невротските, стрес-поврзани и соматоформни растројства, кои сочинуваат над 60% од сите случаи, следени од растројствата на расположението (13,6%) и шизофренијата (6,3%).
Истражувањата спроведени по пандемијата со КОВИД-19 покажуваат дека младите се особено ранлива група – речиси секој трет адолесцент пријавил симптоми на депресија или анксиозност, што укажува на долготрајни психолошки последици од здравствени и социјални кризи.
Дополнително, според истражувањето „Последици од КОВИД-19 пандемијата врз здравјето на возрасното население во Македонија“ спроведено во 2022 година, повеќе од една третина од испитаниците изјавиле дека доживуваат зголемен стрес, анксиозност или чувство на несигурност, а секој четврти пријавил симптоми на депресија.
„Најпогодени биле жените, лицата со хронични заболувања и оние кои изгубиле близок член на семејството или работа. Пандемијата, исто така, довела до влошување на секојдневните навики, како што се нарушен сон, неправилна исхрана и намалена физичка активност, што дополнително влијаело на психолошката благосотојба. Овие наоди го нагласуваат значењето на системска психосоцијална поддршка и унапредување на здравствената писменост за справување со стрес и кризни ситуации“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Се наведува дека и покрај одреден напредок, пристапот до услуги за ментално здравје останува ограничен и недоволен, особено во руралните подрачја, каде што дел од здравствените установи се соочуваат со недостиг на стручен кадар и нерамномерна распределба на ресурси.
„За унапредување на менталното здравје на национално ниво, потребно е јакнење на превенцијата, развивање мобилни тимови и услуги за ментално здравје на далечина (онлајн психолошка поддршка), како и вклучување на менталното здравје во сите јавни политики, од образованието и трудот до социјалната и младинската заштита“, нотираат од ИЈЗ.
Според извештајот, клучен приоритет е зголемувањето на буџетските вложувања во оваа област, насочени кон превенција, континуирана едукација на здравствените и социјалните работници и намалување на стигмата и дискриминацијата преку јавни кампањи што ја промовираат важноста на грижата за менталното здравје и позитивните примери на закрепнување.
„Посебен акцент треба да се стави на програмите за ментално здравје кај децата и младите, преку вклучување на психолошка поддршка во училиштата и јакнење на стручните служби. Со јакнење на центрите за ментално здравје на локално ниво и создавање услови за навремена и достапна поддршка, може да се изгради средина во која менталното здравје ќе биде препознаено како приоритет и заедничка општествена одговорност“, заклучуваат од ИЈЗ.