Пензионерите од кочанскиот Иницијативен одбор велат дека се револтирани од изјавите на надлежни за нивните пензии. Тие денеска повторно излегоа на протестен марш и побараа да се одвојат пари за повисоки пензии.
На протестниот собир потсетија на барањата за линеарно покачување од 3.500 денари на сите пензионери и минимална пензија од 18.000 до 20.000 денари, а потоа се упатија на протестен марш до Фондот за пензионерско и инвалидско осигурување. Според пораката што ја упатија, ќе продолжат со протестите за достоинствен живот.
– Масовното присуство на овој протест за правда и право на достоинствен живот е потврда дека сме доведени до дно на егзистенцијата, дека немаме друг избор освен да се бориме да го добиеме тоа што ни припаѓа, предолго чекавме и предолго молчевме, изјавија пензионерите.
Ова е втор протестен марш на Иницијативниот одбор на пензионери од Кочани, за кој потсетија дека не е политички мотивиран. Според најавите, пензионери од цела држава ќе го одржат вториот генерален протест на 20 септември кога се одбележува Денот на пензионерите.