Безбедносните сили се распоредени да ги држат демонстрантите понастрана од претседателот, кој треба да ја претстави новата реформа за средните стручни училишта.
Жителите на западниот француски град Сант се собраа на протест против Законот за пензиските реформи пред денешната посета на претседателот Емануел Макрон.
Демонстрантите го чекаа Макрон во поморскиот регион Шарант на брегот на Атлантикот, удирајќи во тенџериња и тави во знак на протест против законот објавен на 15 април во Службениот весник, соопшти француската телевизија БФМТВ (BFMTV).
Безбедносните сили се распоредени да ги држат демонстрантите понастрана од претседателот, кој треба да ја претстави новата реформа за средните стручни училишта.
Синдикатите организираа протести за време на последните посети на Макрон во различни градови во централните, источните и јужните региони на земјата.
Демонстрантите, исто така, го прекинаа снабдувањето со електрична енергија на средното училиште што тој го посети во јужниот град Ганг на 20 април.
Макрон го потпиша законот за пензиски реформи на 14 април, откако Уставниот совет го заврши своето разгледување, и покрај барањата на синдикатите да го одбие законот што предизвика повеќенеделни протести.
Законот ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година, а се бара и најмалку 43 години работен стаж за добивање на целосна пензија.
Владата го претстави предлогот во јануари и тој беше однесен на парламентарна расправа следниот месец, иако милиони луѓе излегоа на улиците против предлог-законот.
Немирите се интензивираа кога премиерката Елизабет Борн, по консултации со Макрон, одлучи да ги искористи посебните уставни овластувања и да го усвои предлог-законот без одобрение од Парламентот во март.
Одлуката беше донесена поради страв дека пратениците ќе можат да ги блокираат реформите бидејќи на Владата ѝ недостасува апсолутно мнозинство во Парламентот.
Законот треба да стапи на сила на 1 септември.