Протест на приредувачите на игрите на среќа, над 10.000 луѓе може да останат без работа

Зад законските измени се кријат лични интереси, велат приредувачите на игрите на среќа, кои денес се собраа на протест пред Собранието.

Тие бараат да присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања и предупредија дека ќе продолжат со протестите ако не бидат исполнети нивните барања.

„Ова води до целосно згаснување на една легална стопанска гранка и оставање на улица повеќе од 10.000 вработени“, порачаа приредувачите на игрите на среќа.

На протестот присуствуваа Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија и Асоцијацијата на приредувачите на игри на среќа во автомат-клубови и казина .

Повод за собирот е закажаната седница на Комисијата за европски прашања, на која на дневен ред е второ читање на предлогот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој е предложен од Владата, се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии.