Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита денеска го започнува најавениот протест пред Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за барање неселективно вработување, усогласување на платите според Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата.
„Со протестот сакаме да го изразиме нашето незадоволство од непотпишаниот анекс на Колективниот договор и да ја нагласиме неминовноста, поточно неопходноста од потпишување веднаш по формирањето на новата влада“, изјави Љубиша Каранфиловски, прв човек на Синдикатот.
Протестот со мотото „Здравствен протест за плати“ ќе продолжи од Домот на работниците до Министерството за здравство, каде ќе се слушнат изјави од првиот човек на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Лубиша Каранфиловски и првиот човек на Сојузот на синдикати Македонија, Слободан Трендафилов.
Протестот е поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија.
Во исто време, здравствените работници ќе протестираат пред здравствените домови низ државата.