Шведската полиција даде дозвола денеска да се одржи мал протест пред џамија во главниот град Стокхолм, каде организаторите ќе го кинат и палат Куранот.
Ова го објави Ројтерс, наведувајќи дека тоа може дополнително да ја искомплицира кандидатурата на Шведска за членство во НАТО. Се вели дека серијата антиисламски протести во Шведска, како и за правата на Курдите, ги зголемиле тензиите со Турција, чија поддршка Шведска треба да ја добие за да се приклучи кон Северноатлантскиот договор.
Ројтерс наведува дека шведската полиција претходно одбила неколку барања за одржување протести против Куранот, но судовите ги поништиле тие одлуки, тврдејќи дека со тоа се нарушува загарантираната слобода на говорот.
Полицијата соопшти дека, иако овој протест „може да има надворешно-политички последици“, оценуваат дека безбедносните ризици и последици поврзани со палењето на Куранот не се од таква природа за што барањето треба да се одбие.
Ројтерс јавува дека на протестот се очекуваат само две лица, меѓу кои и организаторот Салван Момика, кој во неодамнешно интервју за весник се опиша себеси како ирачки бегалец кој сака да го забрани Куранот.
Се потсетува дека на крајот на јануари оваа година Турција ги прекина преговорите со Шведска за нејзината апликација за членство во НАТО, откако Расмус Палудан, лидерот на данската ултрадесничарска политичка партија, запали копија од Куранот во близина на турската амбасада во Стокхолм.
Палудан не треба да учествува на денешниот протест, за кој Дејли Меил смета дека може да предизвика немир меѓу муслиманските граѓани кои живеат во Шведска.
Неколку арапски земји, вклучително и Саудиска Арабија, Јордан и Кувајт, го осудија палењето на Куранот во Шведска во јануари.