Професорката на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, и проректор за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова денеска е избрана за нов ректор на УКИМ, соопшти Универзитетската изборна комисија.
Претседателка на Универзитетската изборна комисија (УИК), проф. Родна Живковска претходно за МИА изјави дека гласањето за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на сите 28-те единици – 23 факултети и пет институти, што денеска траеше од 12 до 14 часот, поминало во најдобар ред.
„Се поминува во најдобар ред. Единиците пресметуваат и ги вадат поените, ние само ги собираме и ги ставаме поените од сите 28 единици. Чекаме уште физички да ги донесат, инаку се пратени онлајн во табели. Секоја единица си ги пресметува и ни ги праќа по електронски пат и компјутерот ги собира. Веќе имаме електронски, уште физички да ги донесат“, кажа Родна Живковска.
За еден од шесте кандидати за нов ректор на Скопскиот универзитет за мандатниот период 16. септември 2023 – 15. септември 2026 година, право да глас имаа 1419 запишани гласачи во Единствениот избирачки список. По составувањето записник, резултатите за гласањето за секој од шесте кандидати ќе бидат објавени на веб-страницата на УКИМ.
По објавувањето на резултатите од тајното гласање, ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31. мај – 5. јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6. јуни ќе ги објави конечните резултати. Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9. јуни од 12 до 14 часот, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15. јуни.
Избраниот кандидат од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ја извршуваше два мандата.
Покрај Ангелова во трката за ректор се и Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Биљана од Економскиот институт, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Димитар Ташковски од ФЕИТ.
Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.
Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.