Професор Миодраг Врчаковски е врвен неврорадиолог и музичар. Во слободно време тој е писател и радио водител, а речиси секогаш критичар на општествените движења. Опимист кој ја раздава својата душа и својата позитивна енергија. Со професорот Врчаковски разговараше трн.мк за неговата љубов кон медицината и музиката, за градот кој го сака и иднината на земјата во која живее.
Заминавте од јавното здравство, но и останавте верен на медицината и на вашите пациенти. Врвен сте во вашата професија како Неврорадиолог. Што би им порачале на помладите колеги?
Професор Врчаковски: Дозволете ми ова да ви го објаснам на мој начин, со мојот текст од песната Докторска балада:
“Да бидеш доктор значи да имаш душа ко море,
Срце што љубов зрачи, доктори главата горе”!
Да бидеш вистински доктор значи да се жртвуваш себеси, да им се посветиш на пациентите со сета своја душа и срце во секое време од денот и ноќта. Мојата професија е занает кој не се учи прек ноќ, иако што тоа денес се прави. Потребна е посветеност, упорност, воља и огромна љубов пред се, љубов да нурнеш во тајните на медицината, да учиш, да истражуваш и откриваш сиот свој живот. Моите млади колеги треба да знаат дека успехот во животот и во професијата зависи од само еден единствен човек, од нас самите и не постои сила која може да не спречи во тоа. Луѓе мои, верувајте во себе, се зависи од вас. Не чекајте, вашата судбина е во ваши раце.
Здравството мора да се ослободи од канџите на политиката
Се движи ли јавното здравство напред заедно со светските трендови или?
Професор Врчакосвки: Во 2005 год. Во Универзалната сала во Скопје се случи премиерата на мојот мјузикал Докторска одисеја 2005. Тоа беше музички настан на годината. Дваесет и пет мои песни во кои се опеани сите актуелни настани во македонското здравство од тоа време. Дел од нив ставив и на Јутјуб и можат да се најдат како “Докторска одисеја 2005”. Слушнете ја песната “Министерска фотеља” со Драган Спасовски Дац и вие кажете ми дали постои некаква разлика во случувањата во здравството од тогаш до сега… Нема разлика, сè е исто како некогаш. Но, да бидеме реални. Времето и модерната медицинска технологија направија, и се уште прават неверојатен дијагностички бум и прогрес. Следејки ги модерните светски трендови сега и кај нас имаме можности за дијагностицирање и лекување какви што некогаш сме можеле само да сонуваме. Но, честите промени на власта, партиските влијанија и шеми во здравството и несоодветните кадровски решенија деструктивно делуваат на кохезијата на нашиот здравствен систем. Здравството мора да се ослободи од канџите на политиката, мора да го водат наједуцираните, најдобрите, најискусните и најспособните здравствени авторитети… Друга солуција нема!