Проширена истрагата за „Пулс“, кривична и за сопственикот на објектот

Основното јавно обвинителство Кочани му поднесе кривична пријава и на сопственикот на објектот каде што со години нелегално функционирала дискотеката „Пулс“.

Осомничениот е пријавен како соизвршител за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, соопштуваат од ОЈО.

„Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3- сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3- големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/ кабаре“ информираат од ОЈО.

Според Правилникот за урбанистичко планирање ,Г3 е наменски објект за сервиси за одржување и поправка на опрема и индустриски производи како што сесервиси за автомобили и други возила, машини, алати и инструменти, хемиско чистење.

Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог на осомничениот да му се определат мерки за претпазливост.

Државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски претходно изјави дека истрагата за пожарот мора да заврши во законски предвидениот рок од 90 дена, односно до 16-17 јуни.

Со последното проширување истрагата опфаќа 69 осомничени.