Психолог открива зошто врските што започнуваат како пријателства имаат поголема веројатност да бидат успешни

Многу парови сакаат да кажат дека нивниот партнер е и нивен најдобар пријател, но колку од нив навистина го мислат тоа или го покажуваат во секојдневниот живот? Ново истражување објавено во април 2025 година во „Journal of Social and Personal Relationships“ открива дека ова тврдење е многу повеќе од само израз на наклонетост.

Според „Psychology Today“, истражувачите анкетирале 940 луѓе во романтични врски и ги замолиле да ги именуваат своите седум најблиски пријатели. Сепак, тие не навеле експлицитно дали нивниот партнер би можел да биде меѓу нив, оставајќи го тоа на лична проценка.

Резултатите покажаа дека само 36 проценти од испитаниците спонтано го вклучиле својот партнер на таа листа, а од нив, само 39 проценти го етикетирале и како свој најдобар пријател. Ова значи дека само околу 14 проценти од учесниците го гледаат својот партнер како близок пријател од сопствено внатрешно убедување, а не затоа што тоа се „зема здраво за готово“.

Зошто е ова важно?

,,Истражувањата покажаа две клучни придобивки кога романтичната врска вклучува и длабоко пријателство“, тврди психологот Марк Траверс, кој за „Психологија денес“ раскажа две причини зошто е важно љубовта да започне со пријателство.

Љубовта и симпатиите не се исто, но пријателството прави разлика

„Во една врска, природно е да го сакаш партнерот, но да ти се допаѓа како личност, другар и пријател е нешто сосема друго. И токму тука заглавуваат многу врски“, смета психологот.

Паровите кои го идентификувале својот партнер како близок пријател во студијата, исто така, пријавиле повисоки нивоа на емоционална поврзаност. Не станува збор за минлива среќа, туку за трајниот квалитет на врската.

„Со други зборови, пријателството е она што често ја разликува функционалната врска од онаа што е навистина исполнувачка и растечка“, додава тој. 

Додека некои парови со текот на времето го губат својот животен жар, оние кои негуваат пријателски однос внесуваат леснотија и спонтаност во нивната врска, дури и кога работат здодевни домашни работи. Заеднички интереси, внатрешни шеги, меѓусебна поддршка и спонтани излегувања – сите овие елементи на пријателството не престануваат да бидат важни кога двајца луѓе стануваат пар. 

Пријателството во врската носи чувство на избор и подлабока посветеност.

Покрај емоционалната блискост, паровите кои се гледаат како пријатели, исто така, пријавуваат повисоки нивоа на меѓусебна доверба, другарство и трајна поврзаност. Овој посебен вид врска не се базира на обврска, туку на доброволност, и во тоа лежи неговата сила.

Иако од романтичните партнери често се очекува безусловно да се сакаат, пријателството функционира поинаку. Тоа бара постојан напор, меѓусебно внимание и причина да останат во животот на другиот. Пријателите се избираат еден со друг одново и одново поради квалитети како што се љубезност, хумор и искреност. И тоа го прават без очекување дека „мораат“.

Во една врска, сè, добро и лошо, често се прифаќа премолчено како дел од пакетот.

„Но, кога врската е заснована и на пријателство, во неа се вложува повеќе внимание, разбирање и вистинска поврзаност. Тоа не е врска од должност, туку врска од избор“, тврди Траверс.

Заклучокот е јасен, смета психологот, квалитетот на врската не зависи само од љубовта, туку и од меѓусебното почитување, изборот и секојдневното пријателство што го градат двајца луѓе. Во време кога многу врски се премногу минливи и површни, вистинското пријателство во рамките на врската може да биде клучот за разликата помеѓу врската што трае.