Многу веруваат дека вистинската љубов значи совршенство – без недоразбирања, грешки или тешки моменти. Филмовите, книгите и социјалните мрежи често прикажуваат идеализирани слики на врските, создавајќи илузија за тоа како треба да изгледа љубовта. Но, вистинската љубов не расте во совршенство – таа се развива во несовршените, искрени и спонтани моменти што ги споделуваме со партнерот, тврди психологот Марк Траверс.
„Совршената врска не постои, а обидот да се претставиме без недостатоци само создава дистанца меѓу партнерите. Вистинската интимност доаѓа од прифаќањето – на нашите сопствени несовршености и оние на нашиот партнер. Кога можеме да бидеме искрени, ранливи и опуштени еден со друг, врската станува подлабока и побезбедна“, објасни тој за Psychology Today.
Така, наместо да се трудиме да изгледаме совршено, повредно е да создадеме врска во која ќе се чувствуваме сакани токму такви какви што сме.
„Конфликтите и недоразбирањата не се знак за лоша врска, туку можност за учење и зајакнување на врската. Наместо да ги избегнуваме или да се браниме, подобро е да го поставиме прашањето: Што навистина сака да каже мојот партнер? Овој пристап овозможува подлабоко разбирање и поврзување. Искреното извинување, како и подготвеноста за растење и прилагодување се клучни за здрава и долготрајна врска“, истакнува психологот.
Најголемата сила на љубовта не е во тоа што го сакаме партнерот и покрај неговите маани, туку во тоа што го сакаме за сè што е. Несовршеноста не значи слабост – таа создава простор за автентична, безбедна и искрена врска во која и двајцата се чувствуваме сакани и прифатени.
„Љубовта не е потрага по совршенство, туку заедничко патување во кое растете заедно, исто како што сте“, заклучи Траверс.