– Девет лица се ранети, меѓу кои и едногодишно дете, за време на кавгата до која дојде синоќа меѓу две групи во прометниот дел на плажата во градот Холивуд во Флорида, САД, соопштија официјални лица.
„Полицијата приведе едно лице, но сѐ уште трага по другиот осомничен, кој е опишан како маж со темна кожа што носел црна кошула со кратки ракави“, соопшти портпаролката на холивудската полиција, Деана Бетинески.
Таа наведе дека повредените лица се на возраст од една до 65 години.
Властите информираа дека пукотницата се случила во близина на улиците „Џонсон стрит“ и „Норт Бродволк“, прометни пешачки патеки со палми што се протегаат по должината на плажата во градот Холивуд во сојузната држава Флорида, на кои се наоѓаат ресторани и продавници.
„Кога полицијата пристигнала на местото на настанот, затекнала девет лица со рани од огнено оружје“, рече Бетинески.
Повредените се пренесени во регионалната болница „Мемориал“ и детската болница „Џо Димаџо“, наведе Јанет Обарио-Санчез, портпаролка на „Мемориал хелткер систем“.
Иако портпаролката на болницата рече дека сите повредени се во стабилна состојба, Бетинески истакна дека еден од повредените е опериран.
Властите замолија да се избегнува тоа подрачје додека трае истрагата.