На отворено или во затворено, секаде и секојдневно дишеме штетен воздух. Колку загадениот воздух го ослабува имунитетот и какви респираторни болести предизвикува кај децата и возрасните. ПМ-честичките го земаат својот данок во живот, додека на хартија се коваат стратегии и акциски планови, а во реалноста речиси ништо не се презема.
„Ризикот по здравјето на луѓето е огромен затоа што секоја од тие ПМ-честички содржи комбинација на хемикалии кои всушност се отрови. Кога тие ќе се вдишат тие хемикалии со влажната слузница создаваат хемиски соединенија и се вистински отрови кои не само што ги оштетуваат органите за дишење, туку преку циркулација се носат до сите ткива и органи во човечкиот организам. Не постои ткиво и орган кој не страда од овие ПМ-честички. Првите проблеми кои ги забележуваме и чувствуваме тоа е на дишните органи,во смисла на печење, жарење на слузницата, солзење на очите, но она што не го чувствуваме е многу посериозно и долгорочно кое носи човечки животи“ изјави д-р Деска Димитриевска, пулмолог.
„Децата се посебно вулнерабилни, бидејќи тие имаат и свои специфики во однос на нивната анатомија, дишните патишта се помали, децата дишат побрзо во една минута отколку возрасните. Ако возрасните дишат од 10 до 16 пати во минута, децата дишат 60 пати, тие имаат поголем обрт на волумен на воздух, без разлика на малите дишни патишта, поголем е внесот. Децата се помали и поблиски до земјата и оние токсични материи кои доаѓаат од земјата директно влијаат и побрзо ги внесуваат. Органите кај децата се во фаза на развој, децата во првите 5 години имаат посебно зреење на имунолошкиот систем, развојот на мозокот исто така. Страдаат многу органи, не само белодробјето, а за нас е многу важно што страда мозокот и сивата маса на децата“ посочи д-р Александар Сајковски, педијатар.